Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, има чест да ве покани на прес-конференција, која ќе се одржи во тек на стручниот симпозиум на МАГО, на 17 мај 2025 година (сабота), во 09:30 часот, во Хотел Холидеј Ин, Скопје.
Симпозиумот претставува главен настан со кој МАГО по четврти пат по ред ја одбележува Неделата на женското здравје, која оваа година се одржува под мотото „Сакај се себеси. Сакај го своето здравје!“, во периодот од 12 до 19 мај 2025 година.
Преку низа стручни и јавно-здравствени активности, асоцијацијата има за цел да го истакне значењето на женското здравје и да го унапреди пристапот до здравствени услуги за жените од сите делови од нашето општество.
Прес-конференцијата ќе ја одржат:
- Проф. Др. Глигор Тофоски, претседател на МАГО
- Проф. Др. Ирена Алексиоска-Папестиев, директор на Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје
- Проф. Др. Славица Арсова, директор на Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје
Во рамки на прес-конференцијата ќе биде промовиран и новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепцискиот и перинаталниот период, наменет за здравствени професионалци, пациенти и семејства. Прирачникот претставува значаен ресурс за:
- Подигнување на свеста кај здравствените работници за значењето на грижата за менталното здравје на жените во перинаталниот период.
- Обезбедување мерки за превенција на нарушувањата на менталното здравје во перинаталниот период.
- Идентификација на фактори на ризик и ранливи групи.
- Унапредување на професионалните способности во раното препознавање на симптомите, адекватен менаџмент и терапија.
- Охрабрување на мултисекторска соработка и тимска работа преку групни дискусии.
Психолошките аспекти на транзицијата кон родителство – клучен елемент на перинаталното ментално здравје.
Психолошките аспекти на транзицијата кон родителство претставуваат важен фактор кој суштински влијае врз перинаталното ментално здравје на жените. Специјалистите по гинекологија и акушерство, како прв контакт на жените со здравствениот систем, имаат клучна улога во навремената идентификација, скрининг и соодветно упатување на жените со знаци на нарушувања на менталното здравје.
Најчестите состојби во перинаталниот период се депресијата и анксиозноста, а според истражувањата, тие често се поврзани со претходни, неретко непрепознаени или недоволно третирани психички потешкотии. Преваленцата на перинатална депресија кај жени со историја на депресивни растројства е проценета на 25–40%, што ја нагласува потребата од рано откривање, интервенција и континуирана грижа.
Националната студија „Влијанието на пандемијата со КОВИД-19 врз перинаталното ментално здравје на жените во Северна Македонија,“ спроведена во пост-пандемискиот период, откри загрижувачки резултати: стапки на клинички значајна депресија и анксиозност од 27.59% и 27.87%, соодветно. Овие бројки покажуваат јасен пораст во споредба со проценетата преваленца пред пандемијата, која се движела помеѓу 10% и 14%.
Симптомите на анксиозност и депресија за време на бременоста не само што влијаат на мајката, туку се силен предиктор за нарушувања на менталното здравје во постпородилниот период. Нетретирана анксиозност или депресија за време на бременоста се поврзани со бројни неповолни перинатални исходи, како што се: предвремено породување, ниска родилна тежина и неадекватен развој на новороденчето. Уште повеќе, глобалните податоци покажуваат дека самоубиството е една од водечките причини за мајчина смрт во перинаталниот период.
Дополнително, социодемографските фактори – како што се возраста, нивото на образование, социоекономскиот статус и културолошкиот контекст – можат да дејствуваат како ризик или заштитни фактори. Исто така, неповолните исходи од бременоста (вклучително абортус, мртвородено, неонатална или доенечка смрт), историја на нарушувања на менталното здравје и изложеност на интимно-партнерско насилство се издвојуваат како едни од најзначајните ризици кои треба рано да се препознаат и третираат.
Имајќи ги предвид овие наоди, МАГО со промоцијата на новиот прирачник за скрининг и дијагностика на нарушувања на менталното здравје во претконцепциски и перинатален период, прави значаен чекор кон системска поддршка и унапредување на менталното здравје кај жените во најосетливите периоди од нивниот живот.
Ве охрабруваме да присуствувате и да известувате за оваа значајна иницијатива која има за цел да го унапреди здравјето и благосостојбата на жените во нашето општество.
За дополнителни информации, Ве молиме контактирајте:
Со почит,
Проф. Др. Глигор Тофоски
Претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари
Контакт лице
Јасмина А. Чашуле
072443840