Најпосле мајка!
Раѓањето на детето претставува многу значаен момент во животот на секој родител. Тоа е најголемата и најпозитивната промена во животот на луѓето.
Сé до пресекувањето на папочната врвца, мајката и нејзиното новороденче се една индивидуа. После пресекувањето на папочната врвца, тоа се веќе две личности, со свои особености, потреби и желби.
Идеално продолжение од живот на плодот во мајчината уторба преку папочната врвца ипретставува воспоставување на првиот момент кога новороденчето, одма после излегувањето во надворешниот свет, се става голо на голата кожа на мајчините гради. Топлината на мајчиното тело, отчукувањата на нејзиното срце, близината на дојката и првите капки на мајчиното млеко-колострумот ја продолжуваат комуникацијата со мајката.
Новороденечкиот период е претставен со првиот месец, односно првите 28 дена, а првите седум дена се одделени како ран неонатален период, заради важноста на многубројните промени токму во тие дена. Иако тоа е многу кус период од животот на човекот, неговата улога во понатамошниот развој е огромна. Особено првите 48-72 часа носат многу брзи промени во правец на осамостојување на детето.
За успешно родителство не постојат правила и потребно е многу трпение и добра воља. Од голема помош се претходните сознанија добиени во тек на бременоста, со цел да се припремат родителите за правилен однос кон новороденчето и грижата за него. Грижата во бременост, како за себе, така и за плодот, е од клучно значење за понатамошниот тек на бременоста, раѓањето и развојот на детето.
Смиреноста на мајката и детето, обостраното задоволство, и присуството на таткото, го намалуваат секое сомнение во сопствената способност за правилен одговор кон родителството и создавање на близина со детето.
Истото важи и за родители кои чекаат посвојување на дете, подготовката за прием на новиот член води кон смиреност, спремност и позитивен пристап кон промените коишто следат.
Како да се поддржи мајката во првите денови по породувањето?
- Најважно е да ѝ се обезбеди одмор, здравствена, психолошка и емоционална поддршка и помош во домашните обврски. Тоа ќе спречи појава на депресија, меланхолија и психичка нестабилност што може да се случи поради хормонските промени после породувањето. Мајката треба да знае дека не е сама во новата улога.
- Да се избегнуваат многу посетители или стресни моменти.
Едукативниот материјал е дел од проектот Сексуално и репродуктивно здравје поддржан од Фондот за население на Обединети нации – UNFPA