

| Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата во здравството |
ПОВИК ЗА АНГАЖМАН НА ЕКСПЕРТ/ЕКСПЕРТКА ОД ОБЛАСТА ЈАВНИ ПОЛИТИКИ И АНТИКОРУПЦИЈА ВО ЗДРАВСТВОТО
„Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“
Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.
Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.
Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.
Проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан од Француската Развојна Агенција – Expertise France.
1.1. Ангажман и работни задачи
Експертот/експертката ќе биде задолжен/а за реализација на следните задачи во рамки на проектот “Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата во здравството”:
- Преглед и дополнување на претходно подготвени: прашалник за спроведување на анонимна анкета за здравствени работници и соработници; прашалник за длабински интервјуа со менаџерите од јавните здравствени установи; аналитички извештај од истражувањето.
- Да даде придонес во развој на програма и материјали за обуката за обучувачи за здравствените работници преку учество на средби на експертската работна група, во која ќе учествуваат останати двајца експерти.
Експертот при спроведување на задачите потребно е да се координира и биде во тесна соработка со останатите експерти кои се ангажирани на проектот, како и да обезбеди експертиза и поддршка во спроведувањето на нивните задачи.
1.2. Очекувани резултати
- Ревидиран и дополнет прашалник за спроведување на анкета за здравствени работници и здравствени соработници.
- Ревидиран и дополнет прашалник за спроведување на длабински интервјуа со менаџери од јавните здравствени установи
- Ревидиран и дополнет аналитички извештај со препораки базирани на истражувањето.
- Даден придонес во развој на програма и материјали за обуката за обучувачи за здравствените работници, преку учество на работни средби на експертската работна група.
1.3. Квалификации
- Универзитетска диплома во областа на право, политички науки, јавна администрација, економија, социологија или сродни области (магистратура или докторски студии ќе се сметаат за предност).
- Докажано познавање на јавни политики, механизми за отчетност и антикорупциски практики.
- Познавање на здравствениот систем во Северна Македонија.
- Минимум 5 години релевантно работно искуство во спроведување на институционални анализи, истражувања или мониторинг на јавни политики.
- Искуство во подготовка и спроведување интервјуа со институционални чинители и подготовка на аналитички извештаи.
- Докажано искуство во подготовка на препораки за јавни политики и реформи, особено во здравството.
- Искуство во интегрирање родова перспектива во анализи и политики.
- Искуство во презентирање на наоди пред работни групи или мулти-секторски тела.
1.4. Вештини и компетенции:
- Одлични аналитички и истражувачки способности.
- Високо развиени комуникациски и фацилитаторски вештини.
- Способност за подготовка на едукативни материјали од областа на антикорупција, адаптирани за различни групи од населението.
1.5. Буџет и времетраење
За овој ангажман е предвиден финансиски надомест како хонорар во износ од 334 евра (бруто износ).
Ангажманот е предвиден да се одвива во период од 5 месеци и започнува на 15 октомври 2025 година, со следната временска рамка:
- Октомври 2025 година: Преглед и дополнување на претходно подготвен прашалник за спроведување на анонимна анкета за здравствени работници и соработници; Преглед и дополнување на претходно подготвен прашалник за длабински интервјуа со менаџерите од јавните здравствени установи.
- Декември 2025 година: Преглед и ревизија на претходно подготовен аналитички извештај од истражувањето.
- Јануари, февруари и март 2026 година: Учество во експертска работна група за развивање на програма и материјали за обуката за обучувачи за здравствените работници.
1.6. Потребна документација за аплицирање
Заинтересираните кандидати треба да достават:
- Кратко мотивациско писмо (до 1 страница) со објаснување на интересот за ангажманот и релевантното искуство.
- Биографија (CV)со јасно наведено образование, професионално искуство и референтни проекти/анализи поврзани со антикорупција, јавни политики, здравство или родови прашања.
- Листа на изработени документи/извештаи/аналитички трудови(со краток опис на содржината и годината на изработка).
Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата contact@agom.org.mk или mkd.mago@gmail.com, со назнака: „Повик за ангажман на експерт/експертка од област на антикорупција за проектот Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ најдоцна до 09 октомври, 2025 година. Продолжување на рокот за аплицирање до 15.10.2025 година

