Во ноември Светската здравствена организација (СЗО) го одбележува Светскиот ден за елиминација на ракот на грлото на матката (17 ноември), а во текот на целиот месец ноември трае и кампањата за подигање на свесноста за машкото здравје.
Оваа година Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО сака да ги одбележи двата настана со заедничка порака: здравјето на жената, мажот и децата се гради со превенција и навремена грижа.
Ракот на грлото на матката може да се елиминира
На 17 ноември 2020 година, 194 земји ја прифатија Глобалната стратегија на СЗО за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем – прв пат светот се обврза да елиминира еден рак. Од 2025 година, 17 ноември е официјален Светски ден за елиминација на ракот на грлото на матката, првиот светски ден на здравјето посветен на елиминација на канцер. Овогодишната порака на СЗО е „Заедно можеме да го елиминираме ракот на грлото на матката“.
Ракот на грлото на матката е четвртиот најчест рак кај жените во светот и секоја година однесува повеќе од 350.000 животи. Истовремено, тоа е болест за која имаме сите алатки за да ја спречиме: вакцина против хуманиот папилома вирус (ХПВ), редовен скрининг и навремено лекување на предканцерозните промени. Целите на СЗО до 2030 година се: 90% од девојчињата вакцинирани против ХПВ до 15-тата година, 70% од жените со квалитетен скрининг до 35-тата и повторно до 45-тата година и 90% од жените со откриени промени да добијат соодветно лекување.
Во нашата држава вакцината против ХПВ е достапна бесплатно преку Програмата за имунизација за машки и женски од 12 до 19 години. МАГО ги повикува родителите да ја искористат оваа можност и да ги вакцинираат децата, бидејќи вакцината е безбедна и ефикасна и најдобро штити кога се дава пред почетокот на сексуалната активност. Жените, пак, да не го одлагаат превентивниот гинеколошки преглед – скринингот ги открива промените години пред да прераснат во рак, кога лекувањето е едноставно и успешно.
Ноември – месец на машкото здравје: зошто и момчињата треба да се вакцинираат против ХПВ
Ноември е и месец на подигање на свесноста за машкото здравје. Хуманиот папилома вирус (ХПВ) не е само „женски“ вирус – тој ги инфицира и мажите и жените во речиси идентичен процент. Според последните светски епидемиолошки податоци, околу 80–90% од сексуално активната популација во текот на животот доаѓа во контакт со овој вирус.
Вакцинацијата кај момчињата има двојна, клучна цел. Првата е директна заштита на машкото здравје. Високоризичните типови на ХПВ, особено типовите 16 и 18, кај мажите се директни предизвикувачи на карцином на орофаринксот (грлото и крајниците), чија инциденца кај мажите во последните години е во драматичен пораст и во развиените земји веќе го надминува карциномот на грлото на матката, како и на карцином на анусот и пенисот. Нискоризичните типови 6 и 11, пак, предизвикуваат генитални брадавици (кондиломи), кои се упорни, непријатни и бараат долготрајно лекување.
Втората цел е создавање колективен имунитет. Бидејќи не постои рутински скрининг-тест за ХПВ кај мажите, како што е ПАП-тестот кај жените, мажите најчесто се асимптоматски носители и несвесно го пренесуваат вирусот. Со вакцинирање на двата пола се прекинува синџирот на пренесување и се заштитува целата популација.
Што е важно да се знае за вакцинацијата против ХПВ
Вакцината е најефикасна кога ќе се прими пред првиот сексуален контакт, идеално меѓу 9- и 14-годишна возраст, бидејќи тогаш имунолошкиот одговор е најсилен, а организмот сè уште не бил изложен на вирусот. Но и оние што не се вакцинирале до 18-годишна возраст можат да ја примат подоцна. Светските здравствени авторитети, како Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, ја препорачуваат вакцинацијата до 26-годишна возраст за сите кои не ја примиле претходно, а вакцината е официјално одобрена и за возрасни до 45 години. Дури и ако лицето веќе имало сексуални односи или дошло во контакт со еден тип на ХПВ, деветвалентната вакцина, која штити од деветте најчести и најопасни типови на вирусот, сепак обезбедува целосна заштита од останатите типови со кои организмот сè уште не се сретнал.
Влијанието на ХПВ врз плодноста е област на интензивни научни истражувања во последните години. Најновите студии покажуваат дека присуството на ХПВ во семената течност кај мажите може негативно да влијае врз репродуктивниот потенцијал. Вирусот може да се врзе за површината на сперматозоидите, што, како што е научно докажано, доведува до намалена подвижност на сперматозоидите (астенозооспермија), зголемена фрагментација на нивната ДНК, појава на антиспермални антитела и оксидативен стрес. Сето ова може да го отежни спонтаното зачнување, да ја намали успешноста на методите за потпомогнато оплодување (ин витро), па дури и да го зголеми ризикот од рани спонтани абортуси. Со вакцинацијата директно се превенираат и овие суптилни, но значајни ризици по плодноста.
Како да се справиме со предрасудите
Иако вакцината против ХПВ не е нешто ново, околу неа сè уште постојат предрасуди. Тие најчесто произлегуваат од две заблуди: неоснован страв од несакани ефекти и погрешна перцепција кај дел од родителите дека вакцинирањето на 12-годишна возраст е премолчен „поттик или дозвола“ за рана сексуална активност. Борбата против овие митови бара отворена, едукативна и научно аргументирана комуникација.
Пораката до родителите е јасна: ова е превенција на рак, а не поттик за сексуалност. Бројни меѓународни студии потврдуваат дека вакцинираните адолесценти не стапуваат порано во сексуални односи од невакцинираните. Вакцината се дава токму на 12-годишна возраст од чисто биолошки и имунолошки причини – во тој период детскиот организам создава најсилен и најтраен имунолошки одговор, а целта е заштитниот штит да биде формиран години пред детето воопшто да дојде во контакт со вирусот. Со оваа вакцина родителите не носат одлука за сексуалниот живот на своето дете, туку одлука да го заштитат од сериозни онколошки заболувања во иднина – девојчињата од премалигни промени и рак на грлото на матката, а момчињата од карцином на грлото, анусот и пенисот. Исто како што го ставаме сигурносниот појас пред да тргнеме на пат, така и вакцината се дава однапред, додека детето е здраво и безбедно.
Вакцината има зад себе две децении докажана безбедност. Во светска употреба е од 2006 година, со стотици милиони дадени дози, и е една од најтемелно испитаните и најбезбедните вакцини во историјата на медицината. Големи студии недвосмислено потврдуваат дека таа не предизвикува стерилитет, ниту автоимуни или невролошки заболувања – напротив, директно го чува репродуктивното здравје на младите.
Клучно е и сојузништвото меѓу лекарите, медиумите и родителите
Педијатрите, матичните лекари и гинеколозите имаат обврска трпеливо да ги објаснуваат фактите, а медиумите имаат клучна улога во разбивањето на дезинформациите. Државите како Австралија, Велика Британија и скандинавските земји, каде што вакцинацијата на двата пола одамна е прифатена како стандард, денес бележат драматичен пад на премалигните лезии и се на прагот целосно да ги искоренат карциномите предизвикани од ХПВ. Токму на овие докази се темели и Глобалната стратегија „90-70-90“ на СЗО, а вклучувањето на момчињата во имунизацијата директно го забрзува патот кон елиминацијата и ни дава историска шанса да бидеме генерацијата што ќе искорени цел еден тип на малигно заболување.
