Бременост

Бременоста е еднa од највозвишените и најинтимните искуства во животот на секоја жена. Тоа е патување исполнето со љубов, исчекување и грижа – патување во кое секој ден носи ново чувство, нова мисла и ново откритие. Од моментот кога ќе се дознае веста за бременоста, започнува едно посебно поглавје – не само во животот на жената, туку и во животот на семејството.

Во овие девет месеци, телото и умот се менуваат на начини кои понекогаш се предизвикувачки, но истовремено и восхитувачки. Секој отчукан срцев ритам, секое движење на бебето, е потсетник на тоа дека во нас расте нов живот. Тоа е време кога се учиме да се грижиме за себе повеќе од било кога .

Бременоста не е само медицинско или биолошко искуство – таа е и емоционално, духовно и психолошко патување. Тоа е време на соединување со себе, со партнерот, со природата, и со животот во неговата најчиста форма. Без разлика дали е прва или трета бременост, секоја е различна, секоја носи нова приказна.

Стилови на живот  

Исхрана

Исхраната за време на бременоста игра клучна улога во здравјето на мајката и развојот на бебето. Ова е период кога телото има зголемени потреби за енергија, хранливи материи, витамини и минерали. Добро избалансираната исхрана не значи јадење „за двајца“, туку јадење со внимание кон квалитетот на храната.Сметавме дека е корисно да се даде во овој едукативен материјал  и диететски совети бидејќи  бременоста е еден единствен и неповторлив момент за да се направи еден одраз на важноста што храната може да ја има врз нашето здравје: добрата исхрана значи добра состојба и добра бременост.

Доброто здравје на мајката претставува гаранција исто и за нероденото дете што ја користи директно добрата  избалансирана исхрана за време на деветте месеци од бременоста.

• Пијте најмалку 2 литри вода на ден, по можност олигоминерална и негазирана:

• Јадете 4-5 пати на ден, поделувајќи ја храната во мали оброци, може да помогне да се намали гадењето и тешките повраќања; бавното јадење го потпомага варењето;

• Имајте што е можно повеќе разновидна исхрана;

• Јадете сезонско овошје и зеленчук, добро миени, ако е можно одгледувани локално: свежите производи и суровиот зеленчук содржат зголемена содржина на витамини и минерални соли;

• Конзумирајте пастеризирано млеко, јогурт,  сирење. Како алтернатива може да се конзумира „растително млеко“ без шеќер;

• Умерено конзумирајте тестенини, леб, компири; а за нивна замена во исхраната можете да вклучите интегрални житарици и алтернативи на пченица (рж, овес, ориз, просо и др.);

• Направете лесни закуски со свежо овошје, маслено овошје и семкасто овошје:

• Добро варени јајца,месо и риба

• Приготвувајте го оброкот со  со ладно цедено маслиново масло; избегнувајте да готвите со семени масла;

• Користете малку сол и претпочитајте јодирана сол или интегрална морска сол;

• Ограничете го внесот на чај, кафе и чоколадо;

• Избегнувајте алкохолни пијалоци;

• Елиминирајте ја „брзата храна“: сендвичи, грицки (подготвени со вештачки бои, конзерванси, хидрогенски масти, рафиниран шеќер или засладувачи), газирани пијалоци со шеќер;

Преголемото зголемување на тежината за време на бременоста е одговорно за компликациите како кај мајката (гестоза, гестациски диабетес, предвремено породување) така и кај нероденото дете (макросомија). Добро правило, ако е можно, редовно практикувајте умерена физичка активност: 30-40 минути прошетка на ден или друга аеробична активност (пливање, блага гимнастика, јога).

Основни принципи:

  • Внесување на  разновидно: овошје, зеленчук, житарки, протеини и млечни производи.
  • Редовни оброци: три главни и две до три ужини помегу оброците.
  • Внесување на  доволно  количество вода: најмалку 8 чаши дневно.
  • Избегнувајте преработени, масни и премногу солени намирници.

Најважни витамини и минерали кои можат да се внесат со исхрана и нивниот извор

1. Фолна киселина (Витамин B9)

  •  Зошто е важна? Го намалува ризикот од дефекти на невралната цевка кај бебето (на пример, спина бифида).
  •  Колку? Најмалку 400–600 микрограми дневно, уште пред зачнување и во првите месеци.
  •  Извори: темнозелен лиснат зеленчук (спанаќ, брокула), цитрусни плодови, јајца, житарки збогатени со фолна киселина.

2. Железо

  •  Зошто? Поддржува формирање на црвени крвни зрнца и превенира анемија.
  •  Колку? 27 милиграми дневно.
  •  Извори: месо, јајца, мешунки (леќа, грав), спанаќ. Комбинирајте го со витамин Ц (на пр. Портокал,лимон) за подобра апсорпција.

3. Калциум

  •  Зошто? Ги гради коските и забите на бебето, и го штити мајчиното коскено здравје.
  •  Колку? 1000 милиграми дневно.
  •  Извори: млеко, јогурт, сирење, бадеми, брокула.

4. Јод

  •  Зошто? Важен за правилен развој на мозокот и хормоните на бебето.
  •  Колку? 220 микрограми дневно.
  •  Извори: јодирана сол, морска риба, јајца, млечни производи.

5. Витамин D

  • Зошто? Помага во апсорпцијата на калциум и развој на коските.
  • Колку? 600 IU дневно.
  •  Совет: Кратко изложување на сонце секој ден + храна богата со витамин D (мрсна риба, жолчки, збогатено млеко).

6. Омега-3 масни киселини (особено DHA)

  •  Зошто? Поддржуваат развој на мозокот и видот на бебето.
  •  Колку? 200–300 mg DHA дневно.
  •  Извори: лосос, сардина, ленено семе, ореви.

Внес на течности за време на бременоста

Покрај витамините и минералите, внесот на течности е клучен дел за здрава бременост. Телото на трудницата работи „прекувремено“ – се зголемува волуменот на крв, ја одржува амнионска течност и го поддржува развојот на бебето.

Колку течности се препорачуваат?

 Најмалку 2–2.5 литри дневно (околу 8–10 чаши), во зависност од телесната тежина, физичката активност и временските услови.

👩‍⚕️ Совет:

Најдобри извори на течности:

  • 💧 Вода – најдобриот избор за хидратација.
  • 🍵 Билни чаеви – како камилица, ѓумбир
  • 🥛 Млеко – богат извор на калциум и протеини.
  • 🍉 Овошје и зеленчук со висок воден состав – лубеница, краставици, портокали.
  • 🥤 Супи и чорби – посебно во зимскиот период.

Патување за време на бременост:

  Совети за безбедно и удобно патување

Патувањето за време на бременост може да биде безбедно и пријатно, ако се подготвите правилно. Еве неколку важни совети за трудниците кои планираат патување:

  1. Консултирајте се со вашиот доктор: Пред да тргнете на пат, важно е да се консултирате со својот лекар, особено ако сте во висок ризик или имате компликации.
  2. Изберете удобно средство за транспорт: Ако летате, изберете директни летови и обидете се да резервирате седишта со повеќе простор. За патување со автомобил, направете редовни паузи за да се раздвижите.
  3. Пакување за удобност: Пакувајте здрава храна, многу вода и удобни облека. Важно е да избегнувате напорни активности и да се опуштите кога е возможно.
  4. Планирајте го вашиот одмор: Планирајте време за одмор и релаксација. Патувањето може да биде напорно, па затоа се препорачува да не претерувате со активностите.

Вежби во текот на бременоста: Совети за активност и здравје

Вежбањето во бременоста може да донесе многу придобивки, како што се намалување на болките во грбот, подобрена циркулација и поголема енергија. Овие се некои од најдобро препорачаните вежби:

  1. Шетање – Лесна и ефективна активност која го подобрува здравјето на срцето.
  2. Пливање – Намалува притисок на зглобовите и е одлично за целото тело.
  3. Јога за трудници – Помага во флексибилност, релаксација и подобрување на дишењето.
  4. Истегнување – Помага во зголемување на флексибилноста и намалување на напнатоста.

👩‍⚕️ Совет:

Вежбањето е одличен начин да се одржите активни и здрави во текот на бременоста, но секогаш треба да го  прилагодете  на вашиот индивидуален ритам.

Бременоста трае девет месеци тоа се вкупно 40 недели, односно 280 дена

Прв триместар (1-13 г.н од бременоста)

Првиот триместар е клучен период во вашата бременост, исполнет со многу промени во телото и почеток на развојот на вашето бебе. Тоа е време кога се поставуваат основите за здравата бременост, а истовремено е и време кога трудниците се соочуваат со нови искуства. Во овој едукативен материјал, ќе се осврнеме на важни аспекти за тоа што да очекувате, како да се грижите за себе и кои медицински прегледи и тестови се потребни за овој период од бременоста.

Што се случува со вас во првите 12 недели?

Првиот триместар обично трае од 1-ва до 13-та недела на бременоста. Ова е период кога се формираат основните структури на плодот и кога вашето тело се прилагодува на новата состојба.

Субјективни симптоми:

  • Мачнина: Ова е еден од најчестите симптоми. Бремените жени можат да се чувствуваат мачнина, особено во утринските часови. Според истражувањата, мачнината ја доживуваат околу 70-80% од трудниците и обично исчезнува помеѓу 12-ва и 14-та недела.
  • Замор: Хормоналните промени и зголемените потреби на телото за време на бременоста можат да предизвикаат екстремен замор.
  • Осетливост на дојките: Од почетокот на бременоста, дојките може да станат чувствителни или да се зголемат. Ова е резултат на хормоналните промени кои го подготвуваат телото за доење.

Развој на плодот:

  • Во првиот триместар, плодот брзо се развива.Почнуваат да се оформуваат сите важни органи како срце, мозок, бели дробови и црева.
  • Срцето на плодот ќе започне да чука, и ќе може да се види на ултразвук.
  • Во десетта недела ембрионот официјално станува фетус а до крајот на триместарот, плодот ќе се формира како минијатурен човек со главни органи и врат, раце, нозе и прсти.

Прегледи и тестови во првиот триместар

. Првичен преглед:

  • На почетокот на бременоста, потребно  е да се направи првичен преглед  до 10 гестациска недела . Лекарот ќе го потврди датумот на зачнување и ќе се изврши основен преглед  кои што вклучува:

*проверка на крвта и урината

*мерење на висина и тежина

*мерење на ,,шеќерот,,

*крвна слика и Rh-фактор

*скрининг на неколку болести како хепатитис и ХИВ

  • *ЕХО- Првиот ултразвук се изведува околу 6-7-та недела, за да се потврди бременоста.Овој ултразвук ја потврдува присутноста на срцето и основните структури во развојот на фетусот.

          *Мерење на крвен притисок -за да се откријат потенцијални       знаци на прееклампсија, која може да се појави во текот на бременоста и да го загрози здравјето на мајката и бебето

Првиот триместар е време на големи промени и адаптации. Секој симптом и промена е индивидуален, па затоа секогаш консултирајте се со својот лекар за секоја ваша грижа или прашање. Важно е да се грижите за своето тело и да следите препораките на медицинскиот тим за да имате здрава и успешна бременост.

👩‍⚕️ Совет:

Бидете претпазливи доколку

    *многу повраќате

   *имате/температура

               /нагла болка во стомакот

               /болка и пецкање при мокрење,крварење

               /имате висок крвен притисок

Втор триместар (14–27г.н од бременоста)

Вториот триместар на бременоста се смета за најлесниот и најкомфорниот период за многу жени. Во текот на овие недели се случуваат бројни физички и емотивни промени кои играат клучна улога во развојот на плодот и подготовката на телото за предстоечкото раѓање.

Што се случува со плодот?

Во вториот триместар плодот поминува низ значителни фази на развој:

  1. 13-16 недела – Плодот започнува да расте брзо, а неговите органи и системи се усовршуваат. Во овој период се формираат основните делови од телото: рацете и нозете се потполно развиени, а кожата е уште тенка и проѕирна. Мозокот на плодот продолжува да се развива и започнуваат да се појавуваат рефлексите на движење.
  2. 17-20 недела – Во овој период е можно да започнете да ги чувствувате првите движења на плодот. Овие први чувства може да се опишат како лесно треперење, што се јавува кога плодот започнува да се движи. Тежината на плодот се зголемува, а неговото срце започнува да работи со нормален ритам ,започнува да  се формираат меки влакненца, позната како лануго, која го покриваат неговото тело.
  3. 21-24 недела – Плодот продолжува да расте, а мастите под кожата продолжуваат да се формираат, што му помага да ја регулира температурата по раѓањето. Во овој период започнуваат да се појавуваат посилни и почести движења. Во оваа недела се развива и слухот на плодот.
  4. 25-26 недела – Лицето  е целосно развиено, вклучувајќи трепки и веѓи, а органите и коските продолжуваат да се зацврстуваат. Тежината на плодот е околу 600 грама. Во овој период може да реагира на звуците од надворешната средина, а мозокот му се развива активно.

Во текот на вториот триместар, многу жени чувствуваат олеснување од раните симптоми на бременоста, како што се утринската мачнина и заморот. Сепак, се јавуваат нови физички и емоционални промени:

Субјективни симптоми

*Гради – Вашите гради продолжуваат да се менуваат. Тие стануваат поголеми и понекогаш чувствителни, бидејќи се подготвуваат за лактација. Некои трудници можат да забележат и појава на колострум (првото млеко) од градите.

*Проширени вени и отеченост – Поради зголеменото оптоварување на крвниот систем и растењето на плодот во  матката, некои трудници можат да почувствуваат отеченост на нозете ,појава на проширени вени и појава на хемориоди.

*Болки во грбот – Зголемувањето на тежината може да доведе до болки во долниот дел на грбот. Важно е да применувате соодветни техники за ослободување од болката и да избегнувате долго седење или стоење.

*Висок крвен притисок – Иако вториот триместар обично е помалку ризичен, бременоста носи зголемен ризик од хипертензија, што може да доведе до п рееклампсија.

*Хормонални промени – Промените во нивото на хормони продолжуваат да влијаат на организмот. Жените може да чувствуваат промени во расположението, но обично тие се полесни во однос на првиот триместар. Редовните прегледи кај лекарот се клучни.

Испитувања во вториот триместар

Во вториот триместар се изведуваат некои од најважните тестови кои помагаат во следење на здравјето на мајката и развојот на плодот. Овие испитувања се важни за рано откривање на потенцијални компликации и за следење на нормалниот развој на плодот. Треба да направите два прегледа, првиот помеѓу 18. и 20. гестациска недела и вториот во 25. недела, кои ќе се состојат од:

  Ехографија (ултразвук) – Ехографијата е стандардна и најважна метода за следење на развојот на плодот. Првата детална ехографија се прави помеѓу 18. и 22. недела од бременоста и се користи за:

  • проверка во растот на плодот  и неговото позиционирање.
  • проценка на анатомските структури , како што се срцето, мозокот, бубрезите и органите.
  • проверка на количеството на амнионска течност и позицијата на плацентата.

  Тест за глукоза (тест за дијабетес на бременоста) – Помеѓу 24. и 28. недела од бременоста, жената ќе биде подложена на тест за глукоза за да се открие евентуален дијабет во бременост. Овој тест вклучува пиење на сладок раствор и мерење на нивото на шеќер во крвта.

  Крвна анализа – Во текот на вториот триместар се прави контрола на крвта во однос  на хемоглобинот и нивото на железо во крвта, и сите дополнителни параметри за понатамошен третман на трудницата.

👩‍⚕️ Совет:

Бидете претпазливи доколку

    *многу повраќате

   *имате/температура

              /болка во стомакот

              /болка и пецкање при мокрење,

              /крварење

              /измерете  крвен притисок

             /вие и вашите најблиски забележат дека

              пиете многу течности за разлика од порано

Трет триместар  (28–40 г.н од бременоста)

Третиот триместар е период во кој бременоста станува се поочигледна, а вашето тело се подготвува за раѓање. Во текот на овие 14 недели, плодот завршува со своето физичко и органско формирање и започнува да ги развива своите способности за преживување по раѓањето. За многу жени, третиот триместар може да донесе и некои непријатни симптоми, но и радост бидејќи раѓањето се приближува.

Што се случува со плодот?

Во овој триместар, плодот завршува со своето финално развивање и подготвување за живот надвор после раѓањето. Плодот продолжува да расте и да се развива, но во овој период акцентот е на добивањето на тежина и завршување на органските функции.

* Брз раст:Плодот добива повеќе тежина – за неколку стотини грама секоја недела. На крајот од бременоста, тежината се движи меѓу 2,5 и 4 килограми.

* Органи и системи:Сите органи се оформени и зрели. Белите дробови се последните кои се подготвуваат целосно за дишење. Црниот дроб и бубрезите веќе работат, а мозокот продолжува брзо да расте.

* Подготовка за надворешниот свет:\Плодот почнува да прави ритмички движења со градите, вежбајќи го дишењето. Слуша звуци од надворешноста, реагира на светлина и звук.

* Положба :Плодот најчесто се врти со главата надолу (главична презентација).

* Масти и кожа:Во овој период, плодот собира масно ткиво под кожата за да ја регулира температурата после раѓањето. Кожата станува розова и мазна.

* Антитела:Мајката со помош на постелката му  пренесува антитела на плодот, кои ќе го заштитуваат од инфекции во првите недели од животот.

* Помалку простор:Поради големината, плодот има сè помалку простор за движење. Сепак, неговите движења може да станат посилни и да се чувствуваат како „удари“

Промени во организмот на мајката

Третиот триместар може да донесе повеќе физички и емоционални предизвици за мајката. Како што се приближува крајот на бременоста, вашето тело преминува во финална фаза на подготовка за раѓање.

Субјективни симптоми

*зголемена тежина и тешкотии во движењето – која што може да доведе до болка во рбетот

*појава на повремени контракции – (Брекстон Хикс) кои не се знак дека раѓањето е започнато

*неможност да го задржите нагонот за мокрење

*појава на отоци

*појава на хемороиди

*појава на киселини

*висок крвен притисок и прееклампсија – Во овој период постои зголемен ризик од појава на прееклампсија.

Испитувања во третиот триместар

Во третиот триместар продолжуваат редовните прегледи и испитувања кои се од суштинско значење за здравјето на мајката и плодот во овој период треба да се направат шест прегледи и тоа 28,31.34,36,38 и 40 гестациска недела,кои ќе се состојат од:

*Ехографија –Со која се утврдува   положбата и мерките на плодот , дали има евентуален застој во растот на плодот, поставеноста на плацентата и количеството на амнионска течност или плодова вода.

*Тест за стрептококи група Б – Ова е бактериско тестирање кое се прави помеѓу 35. и 37. недела за да се открие евентуално присуство на стрептококи група Б .

*Тестирање на урината – Редовни тестови на урината за откривање на инфекции или протеини, што може да биде сигнал за прееклампсија или други компликации.

*Контрола на крвниот притисок – Прегледите на крвниот притисок продолжуваат со цел да се откријат можни знаци на прееклампсија или хипертензија.

*Испитување за хемоглобин и железо – Проверка на нивото на хемоглобин и железо за да се спречи анемија, што може да биде честа појава во третиот триместар.

*Мониторинг на движењата на бебето или кардиоотокограф (CTG)  Во текот на третиот триместар се препорачува да внимавате на редовните движења на бебето. Ако забележите намалување на движењата, веднаш побарајте медицински совет.

    *Важно-да се даде инјекција доколку гинекологот ви каже дека сте Rh-негативна,а новороденото е Rh-позитивно

Третиот триместар е период кога треба да се подготвувате за раѓањето  на плодот.Со најтопла препорака ве советуваме да бидете дел од часовите за  психофизичка подотовка на  трудници во центрите за породување  затоа што можете :

  • Да научите техники за дишење и справување со болка
  • Да се подготвите емоционално за породување
  • Да се чувствувате сигурно, прифатено и информирано

Затоа што психофизичката подготовка ја зголемува самодовербата и го олеснува породувањето

 Акушерките во центрите за породување имаат за цела да бидат ваша подршка во текот на овој период за време на нормалното физиолошко породување каде што ке ве водат низ целиот процес.

Кога да се отиде во болница?

Важно е да се знае кога е вистинскиот момент за да се отиде во болница и да се избегне брзањето кон породилиштата при првата контракција, со ризикот да бидете вратени дома од страна на лекарите бидејќи сè уште не се воспоставени регуларните контракции . Затоа, да видиме кои се фазите на породилните болки, за да се препознаат сигналите кои ќе ни олеснат да разбереме дека е дојден долгоочекуваниот момент.

ПРОДРОМАЛЕН ПЕРИОД

Ова е почетната фаза на породилните болки во која има мали контракции, слични на менструалните болки, кои се локализираат во долната зона на абдоменот и слабината (долниот дел на грбот). Ако станат повеќе непријатни отколку болни го добиваат името „Контракции на Бракстон Хикс“ Тие се многу нередовни, односно не доаѓаат секогаш во исти временски интервал и немаат ист интензитет. Во оваа фаза би можеле да го изгубите мускозниот капак што ја изолира внатрешноста на матката од надворешноста за да ја заштити феталната средина . Не се вознемирувајте, тоа е нормален настан! Ова не е сè уште моментот да отидете во болница: оваа фаза може да трае 8-10 часа во кои никој се нема породено, па затоа останете дома, одморете се и истуширајте се убаво со топла вода што ќе ви помогне да се опуштите.

ПРОДОЛЖЕНА ФАЗА

Кога контракциите ќе станат посилни и редовни (веќе неколку часа доаѓаат постојано во интервали од10-5 минути), тогаш имаме влезено во продолжената фаза на породилните болки.Сè уште имате време пред да отидете во болница, особено ако сè уште плодовата вода е цела и водењакот не е пукнат. Вообичаено контракциите за прворотки имаат средно времетраење од 8-10 часови (сметајќи ја само продолжената фаза а не продромалниот период!). Кога контракциите доаѓаат на  секои 3-4 минути тогаш можете конечно да се упатите во болница. Подобро поголемиот дел од контракциите да ги поминете дома отколку во болница, така ќе ја имате целата ваша удобност, вашата бања, слободата на движење и вашата приватност. Штом ќе стигнете во болница, прво ќе ве посети лекарот , а потоа во зависност од наодот за раѓање и  контракциите ќе бидете хоспитализирани или во сала за породување или ќе ве сместат во соба  каде ќе бидете редовно следени и навремено префрлени во родилен бокс за раѓање.

👩‍⚕️ Совет:

Ова се причините поради кои треба ИТНО ДА СЕ УПАТИТЕ ВО БОЛНИЦА:

• прснат водењак или  ПЛОДОВА ВОДА .

• КРВАРЕЊА кои што се обилни вагинални и СВЕТЛО ЦРВЕНИ;

• Во случај да не го осеќате движењето  на плодот

Рагање: Позиции, Дишење и Подготовка за Породување

Раѓањето е еден од најзначајните моменти во животот на една жена, а процесот на породување може да биде како физички, така и емоционално интензивно искуство. Затоа, е важно да бидете подготвени, да ги знаете различните позици, техники за дишење  за справување со болката.

Позиции за Породување

Изборот на позиција за време на породувањето е многу важен, бидејќи може да го олесни или отежне процесот. Позицијата во која се наоѓате додека раѓате, влијае на контракциите на вашето тело и на колку лесно ќе се движи плодот низ родилниот канал. Постои неколку позици кои можете да ги пробате:

  1. Лежечка позиција:
    • Во оваа позиција, родилка лежи на грб со раширени нозе.
    • Оваа позиција може да биде удобна во некои случаи, но може да го забави процесот на раѓање бидејќи матката не е поставена во најпогоден агол за поттикнување на силни контракции.
    • Позицијата е често користена при епидурална анестезија, бидејќи во овој случај е потребен пристап за контрола на лековите.
  2. Седење или полуседење:
    • Ова позиција може да помогне да се олесни притисокот врз долниот дел на грбот и да помогне на плодот да  навлезе во карлицата по природен пат.
    • Во некои случаи, се користи при породување во водата или кога жената има епидурална анестезија.
  3. Стоење или чучнување:
    • Родилките ја користат гравитацијата за да го доведат плодот во родилниот канал.
    • Чучнувањето им помага  да го зголемат притисокот на матката и да ги активираат мускулите за поефикасни контракции.
    • За некои родилки ова е многу корисна позиција за на крајот на породувањето.
  4. Коленолакотна позиција:
    • Помага за ослободување на притисокот од долниот дел на грбот и  го подобрува протокот на кислород до плодот. Ова може да биде многу корисно кога плодот не е во оптимална позиција за раѓање.
  5. Странична позиција:
    • Родилката може да лежи на страна, што ја релаксира а притоа имаме подобар проток на крв до плодот.
    • Позицијата е исто така корисна ако таа е уморна и сака да одмори, а во исто време, не се губи напонот за време на контракциите.
  6. Позиција на колена:
    • Родилката може да се постави на колена, наклонувајќи се на предната страна (на стол или на под), што овозможува силно користење на гравитацијата.

Техники на Дишење

Техниките на дишење се важен дел од подготовката за раѓањето, бидејќи помагаат во управувањето со болката, како и во опуштањето на вашето тело и ум. Дишењето може да ја зголеми циркулацијата и да ги подобри контракциите, а истовремено ќе ја зголеми концентрацијата и ќе ви помогне да се фокусирате на процесот.

  1. Брзо и плитко дишење:
    • Оваа техника е корисна за справување со болката во првата фаза на породување.
    • Брзото дишење и помага во одржување на концентрацијата и во регулирање на емоциите. Се користи и за остварување на природен релаксациски ефект.
    • Во овој случај, таа вдишува и издишува кратко и брзо.
  2. Дишење со длабоки вдишувања :
    • Техниката на длабоко дишење се користи за смирување на телото и за поефикасно опуштање.
    • Родилката вдишува длабоко преку носот, а потоа полека и мирно издишува преку устата.
    • Ова техника помага во обезбедување на повеќе кислород и ја намалува анксиозноста.
  3. Брзо дишење со паузи :
    • Ова е техника која помага при справување со интензивни контракции,прави брзо дишење во текот на контракцијата со кратки паузи помеѓу вдишувањата и издишувањата.
    • Техниката ја спречува преоптовареноста и дава чувство на контрола.
  4. Контролирано дишење:
    • Оваа техника вклучува внимателно и спокојно дишење со кратки паузи. Родилката ја контролира секоја контракција со длабоко вдишување и споро издишување.
    • И помага да се регулира дишењето за да се смири болката.
  5. Дишење при напон
    • Во моментите кога ќе почувствувате потреба да го изтуркате плодот, важен е начинот на дишење.
    • При напон, важно е да вдишите длабоко и да го задржите воздухот во белите дробови, сè додека родилката напнува воздухот не се издишува . Оваа техника помага за контролирано насочено напнување .

Кога да започнете да користите овие техники?

Техниките на дишење може да започнете да ги користите во текот на бременоста, за да го засилите вашиот капацитет за опуштање и концентрација. Но, ќе бидат особено корисни кога ќе започнат контракциите, бидејќи помагаат да се намали болката и да се зголеми вашата издржливост. Редовно вежбање и користење на овие техники може да направи значителна разлика во вашиот  процес на породување.

Ментална Подготовка и Поддршка

Третиот клучен аспект при подготовката за породување е и менталната подготвеност. Породувањето е емоционален процес кој бара свесност и поддршка. Разговарајте со вашиот партнер, акушерка или доктор за вашите стравови и очекувања. Важно е да знаете што да очекувате и да се чувствувате сигурно ,прифатено и информирано.

Процесот на раѓање е природен, но не и секогаш лесен. Преку свесност за техниките на дишење и позициите за раѓање, можете да го направите поудобно и поефикасно.

Фази на Породувањето:

Породувањето е поделено во четири главни фази или родилни времиња:  . Секој од овие фази носи различни промени во процесот, како и различни потреби на мајката и бебето. Запознавање со фазите на породувањето може да ви помогне да бидете психички подготвени и да разберете што се случува со вашето тело во текот на целиот процес на породување .

1. Прва фаза: Цервикална дилатација

Цел: Првата фаза на породување е најдолга и најинтензивна. Во текот на оваа фаза, матката се подготвува за раѓање со помош на цервикална дилатација или отварање на грлото на матката  и постепеното навлегување на бебето во карлицата  па во родилниот канал.

Субфази на првата фаза:

  • Латентна фаза (почетна фаза):
    • Контракциите започнуваат бавно и стануваат се почести и посилни.
    • Овој период може да трае неколку часови или дури и денови.
    • Цервиксот се отвора до 4 см, а контракциите се слаби, но постепено се зголемува интензитетот.
    • Родилката може да почувствува болки во долниот дел на стомакот, долниот дел на грбот или лесни болки во карлицата.
  • Активна фаза:
    • Ова е фаза кога контракциите стануваат многу силни, редовни и поболни.
    • Цервиксот се отвора од 4 см до 7 см.
    • Родилката може да почне да се чувствува вознемирено и изнемоштено од контракциите.
    • Потребата за концентрација и релаксација е повисока во оваа фаза.
    • Може да се почувствува потреба за повеќе подршка од партнерот или акушерката.
  • Прелазна фаза:
    • Ова е најкратката и најинтензивната субфаза, но и најболна.
    • Цервиксот се отвора од 7 см до 10 см.
    • Родилката ќе има многу силни контракции кои можат да траат околу 60-90 секунди на секои 2-3 минути.
    • Може да се чувствува гадење, замор, треска и потреба за активно одморање.
    • Важно е да се остане смирена и да се користат техники на дишење за да се преброди интензивниот период.

2. Втора фаза:  Раѓање на плод

 Второто родилно време е фазата кога  всушност, бебето ќе се роди. Во текот на оваа фаза лекарот и акушерката одлучуваат дали ќе се направи епизиотомија или не (пресекување на меѓицата со цел да се олесни излегувањето на бебето и  да се направи простор ). Оваа фаза обично трае 1-2 часа  грлото на матката е комплетно дилатирано и почнуваат контракциите и напоните. Ова е фаза која може да биде емоционално и физички интензивна, но исто така и возбудлива, бидејќи бебето наскоро ќе биде родено.

Клучни карактеристики на втората фаза на породување:

1. Туркање

Во оваа фаза, контракциите стануваат уште посилни и се случуваат редовно, обично на секои 2-3 минути. Кога контракциите се доволно ефективни и редовни, жената почнува да почувствува потреба да турка. Оваа потреба за туркање е природна и е резултат од интензивниот притисок што бебето го прави на карлицата и ректумот.

  • Напоните за туркање:
    • Жената ќе почувствува природна потреба да турка со секоја контракција. Контракцијата ги активира мускулите на абдоменот и карлицата, што ѝ помага да го изтурка бебето низ родилниот канал.
    • Акушерката е таа која што ја води жената кога и како да турка, за да се избегне умор а истовремено да имаме насочено туркање .
  • Позиционирање:
    • Жената може да избере различни позиции за време на оваа фаза: лежечка позиција, стоење, чучење или колено лакотна. Позицијата која се избира зависи од личните преференции и со тоа како се чувствува жената во текот на породувањето.
    • Позицијата која  користи гравитацијата, како чучење или стоење со подотворени нозе, обично помага за поефикасно туркање и по брзо раѓање на бебето.

2. Физички промени и чувства:

Во оваа фаза, жената може да почувствува следниве промени и емоции:

  • Притисок во карлицата и ректумот: Како што бебето се движи низ родилниот канал, притисокот на карлицата и ректумот се зголемува. Ова може да создаде чувство на потреба за дефекација.
  • Почеток на видлива промена: Во оваа фаза, многу жени почнуваат да чувствуваат како главата на бебето полека излегува, и тоа може да биде видливо при проверка на вагинален преглед од страна на акушерката која што го води породувањето.

3. Техники на дишење:

  • Дишење со напор: Кога контракциите стануваат многу силни и жената ќе почувствува потребата да турка, важно е да се користат техники за правилно дишење. Дишењето во оваа фаза е важно за максимално користење на енергијата, избегнување на исцрпеност и за помош во процесот на породување.
  • Техники на дишење при туркање: Жената треба да се фокусира на длабоко вдишување и да го задржи воздухот во белите дробови за време на контракцијата и напон, а потоа да го испушти воздухот.

4. Раѓање на бебето

  • Во моментот кога главата на бебето ќе почне да излегува, жената ќе почувствува  интензивен притисок и болка во гениталната област, но и чувство на олеснување, бидејќи процесот на раѓање напредува.
  •  Кога контракцијата е доволно силна и напонот е правилно насочен, главата на бебето целосно излегува, по што ќе следува раѓањето на  телото на бебето.
  • Со раѓањето на новороденото следува и првиот плач, истото ќе биде поставено на градите на мајката за да се воспостави контактот ,,кожа на кожа,, при што го стабилизира дишењето кај новороденото или ќе биде пренесено на вормер за новородени ако се утврди потреба од примарна реанимација и стабилизација  за да се изврши дополнителна грижа.

5. Емоционални аспекти на втората фаза:

  • Страв и возбуда: Втората фаза често е најпопуларно опишана како најинтензивната и емоционална фаза на породувањето. Каде што жената може да почувствува голема возбуда, но истовремено и страв поради силните контракции и приближувањето на раѓањето на бебето.
  • Поддршка: Поддршката од партнерот или акушерката во оваа фаза е многу важна. Жената треба да биде охрабрена да остане смирена и да се фокусира на туркањето, а не на болката.

Фактори кои влијаат на времето на породување:

  1. Прворотќи или повеќеротки: Како што веќе споменавме, првото породување обично трае подолго, додека раѓањата кај повеќеротки траат пократко.
  2. Позицијата на бебето: Ако бебето е поставено правилно, со главата надолу (главична позиција), породувањето обично оди побрзо. Ако бебето е во позиција на карлично (обратна позиција), породувањето може да трае подолго.
  3. Контракции и нивната интензитетност: Ако контракциите се редовни и регуларни, породувањето може да оди побрзо. Ако се нерегуларни или не се со ист интензитет и интервал  тоа оди побавно .
  4. Физичката подготвеност на мајката: Жените кои се пофизички подготвени или кои редовно вежбаат, понекогаш имаат побрзо породување. Исто така, ако имаат добра еластичност на карличните мускули, ова може да го забрза процесот.
  5. Стимулација на контракциите: Понекогаш се применуваат медикаменти за да се стимулираат и поттикнат контракциите, што може да го забрза процесот на породување и  се нарекува индуцирано раѓање.

3.Трета фаза: Фаза на експулзија на постелка

Постелка – Улога и Функција

Постелката е исклучително важен орган кој се развива во текот на бременоста и има клучна улога за правилниот раст и развој на фетусот. Таа е врската помеѓу мајката и плодот и претставува привремена „жива бариера“ која ги регулира сите важни процеси на размена.

Улога на постелката:

  1. Размена на материи: Постелката овозможува пренос на кислород и хранливи материи од крвта на мајката кон крвта на фетусот. Истовремено, ја овозможува елиминацијата на отпадните продукти (како јаглерод диоксид) од крвта на фетусот кон крвта на мајката.
  2. Заштитна улога: Таа претставува селективна бариера која го штити фетусот од многу штетни материи и микроорганизми.
  3. Хормонска улога: Произведува различни хормони важни за одржување на бременоста, како што се хормонот на бременоста (хорионски гонадотропин), прогестерон и естроген.
  4. Имунолошка улога: Ги регулира имунолошките реакции помеѓу мајката и фетусот, спречувајќи го мајчиниот организам да го отфрли фетусот како „туѓо тело“.

Функција на постелката:

Постелката функционира како мултифункционален орган кој обезбедува здрава околина за раст и развој на бебето. Со својата васкуларна структура, таа овозможува непречен проток на крв и постојана размена на хранливи материи и гасови. Поради својата витална улога, секое нарушување во структурата или функцијата на плацентата може да доведе до компликации во бременоста и да влијае врз здравјето на мајката и бебето.

Трета фаза на породувањето е фазата која започнува по раѓањето на бебето и завршува со раѓањето на постелката, која е внатрешната органска структура која што поврзува  бебето додека се наоѓа во матката. Оваа фаза е значително пократка од првата и втората фаза и обично трае од 5 до 30 минути. Иако не е толку интензивна како претходните фази, сепак е многу важна за комплетирање на процесот на породување.

Клучни аспекти на третата фаза на раѓањето:

1. Контракции по раѓањето на бебето:

По раѓањето на бебето, матката продолжува да се контрахира, но сега целиот процес има за цел да ја отстрани постелката од матката. Контракциите во оваа фаза се помалку интензивни и обично не се толку болни како претходните, но тие се важни  за безбедно раѓање на плацентата. Жената може да почувствува помалку болка и притисок, но сепак ќе има потреба од континуирано следење во одлепувањето на плацентата.

2. Раѓање на постелката:

Овој процес обично се случува во рок од 5 до 30 минути по раѓањето на бебето.

  • Првични симптоми: Жената може да почувствува краткотраен притисок или напон додека плацентата се излегува.
  • Обично нема болка: Иако процесот на раѓање на постелката не е болен како претходните фази, може да има чувство на тежина или лажна контракција.
  • Акушерски процес: Во некои случаи, акушерките можат да помогнат со нежно масирање на матката и нежно насочување со помош на  папочната врвца  за полесно раѓање на постелката

3. Проверка на постелката и контрола на крварењето:

По раѓањето на плацентата истата ја проверува Спец.Др. Акушер  дали е целосно отстранета. Ако делови од плацентата останат во матката, може да се појават компликации како што се инфекции или продолжено крварење.

  • Контролирање на крварењето: После породувањето, жената може да има умерено крварење. Тоа е нормално, но се следи за да се спречат било какви проблеми. Понекогаш може да бидат потребни одредени интервенции ако крварењето не запре.
  • Сутура на гениталниот регион после епизиотомија:

Епизиотомија е хируршки рез направен во перинеумот, областа помеѓу вагината и анусот, за време на породувањето. Целта на епизиотомијата е да се зголеми вагиналниот отвор и да се спречи неконтролирано кинење на перинеумот, што може да се појави при тешко породување или ако имаме поголем плод. По раѓањето на бебето, инцизијата на епизиотомија се санира со сутура или шиење  за да се врати првобитната анатомија на перинеалното ткиво.

4.Четврта Фаза: Фаза на постпородилен мониторинг.


– Во последната, четврта фаза, пациентката по породување останува два часа на родилниот бокс за да се опсервира нејзината состојба после раѓање со следење на нејзините виталните параметри. По завршувањето на два часа од породувањето се прави уште еден преглед за да се провери дали е контрахирана матката и дали имаме евентуално крварење, за да после истиот бидат сместени на Одделот Пуерпериум  се до испис на жената заедно со новороденото.

Емоционална и физичка Поддршка за Жената

Секој момент од процесот на раѓање носи свои предизвици. Подготовката и разбирањето на секоја фаза е клучно за успешно справување со породувањето. Најважно е да имате поддршка, било да е тоа од партнерот, акушерката или пријател и член од семејството. Поддршката на психолошко и физичко ниво во секоја од фазите ќе го направи вашето родилно искуство посигурно и помалку стресно.

Oваа публикација е реализирана со финансиска поддршка на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Република Северна Македонија

Categories: Poroduvanje, Разно