
Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и достапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.
Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски и социјален статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.
Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.
Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан од Француската Развојна Агенција преку Expertise France.
1.1. Ангажман и работни задачи
Компанијата ќе биде ангажирана за спроведување на истражувања во рамки на проектот.
Ангажманот опфаќа две задачи:
Задача 1: Спроведување на анкета преку Микс методологија (CATI – анкета преку телефон со компјутерска асистенција и CAPI – анкета лице во лице со компјутерска асистенција)
Компанијата ќе биде задолжена за:
- Техничко ревидирање на прашалникот.
- Изготвување на скрипта (програмскипрашалник).
- Обука за анкетари.
- Изготвување на дата база во SPSS и Excel.
- Спроведување на анкетирањето помеѓу 400 здравствени работници и соработници кои работат во гинеколошко-акушерската дејност на сите три нивоа на здравствена заштита во јавниот здравствен систем (ординации со матични гинеколози на примарно ниво, општи и клинички болници, гинеколошко-акушерски клиники) вклучувајќи: доктори, медицински сестри/техничари, акушерки, болничари, хигиеничари, административен и останат персонал.
- Валидизација (чиста и лабелирана дата база).
- Обработка на податоците: фреквенции и вкрстени табели, со родова перспектива.
- Подготовка на наративен извештај на македонски јазик со графички прикази.
Задача 2: Спроведување на полу-структурирани интервјуа со 20 менаџери од јавни здравствени установи
Компанијата ќе биде задолжена за подготовка и спроведување на 20 полу-структурирани интервјуа со менаџери од јавни здравствени установи на секундарно и терциерно ниво во кои се обезбедува гинеколошко-акушерска здравствена заштита, со цел да се добијат професионални и практични согледувања за институционалните практики, отчетноста и етички предизвици при раководењето на установата или одделот, а поврзани со корупцијата во здравствениот систем.
Во рамки на задачата компанијата ќе биде задолжена за:
- Спроведување на 20 полу-структурирани интервјуа на терен со менаџери во јавни здравствени установи на секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита кои обезбедуваат гинеколошко-акушерска здравствена заштита.
- Печатење на материјали потребни за спроведување на интервјуата
- Транскрипција и обработка на податоците.
- Подготовка на резиме со клучни наоди што ќе бидат интегрирани во сеопфатниот извештај.
1.2. Очекуван резултат
Задача 1
- Спроведено анкетирање на 400 здравствени работници и соработници.
- Прибрани и достапни податоци во дата база (SPSS, XLSX и CSV формат), валидизирани, чисти и лабелирани.
- Подготвен наративен извештај на македонски јазик со графички прикази.
Задача 2
- Спроведени 20 полу-структурирани интервјуа со менаџери од јавни здравствени установи кои обезбедуваат гинеколошко-акушерска здравствена заштита.
- Доставени аудио записи од спроведените интервјуа.
- Изготвени транскрипти и обработени податоци од интервјуата.
- Подготвено резиме со клучни наоди од интервјуата со менаџерите на јавните здравствени установи.
1.3. Квалификации
- Регистрирано правно лице со дејност во областа на спроведување на истражувања.
- Минимум 5 години искуство во спроведување на истражувања.
- Докажано портфолио на спроведени истражувања.
- Искуство со теренски истражувања и работа со различни целни групи.
- Способност за работа во договорени рокови и координација со проектен тим.
1.4. Времетраење
Ангажманот е предвиден да трае до 31.01.2026 започнувајќи од декември 2025 година.
1.5. Заинтересираните компании треба да достават:
- Кратка презентација на компанијата.
- Листа на лица кои ќе бидат назначени за работа на проектот (со краток опис на улога и релевантно искуство).
- Портфолио на реализирани истражувања и клиенти.
- Тековна состојба од Централен регистар.
- Понуда во табеларна форма со детални цени за двете задачи (анкета на здравствени работници и соработници и интервјуа со менаџери од јавни здравствени установи), со вкупна цена со вклучен ДДВ.
1.6. Критериуми за селекција
- Најмалку 5 години искуство и оперативност на компанијата.
- Лица назначени на проектот со најмалку 5 години релевантно искуство во спроведување истражувања, обработка на статистички податоци и изработка на извештаи.
- Квалитет и релевантност на портфолиото.
- Најповолна понуда (цена и квалитет).
- Искуство во работа со граѓански организации и донаторски проекти.
1.7. Начин и рок за аплицирање
Потребната документација да се достави во PDF формат по електронска пошта на адресата mkd.mago@gmail.com, со назнака: „Повик за ангажман на компанија за спроведување на истражувања (анкета со здравствени работници и соработници и интервјуа со менаџери од јавни здравствени установи) – проект ’Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата”
Краен рок за доставување на документите е 16 декември 2025 година.
