Ден на универзалната здравствена заштита – 12. декември

Денеска, 12. декември 2025 година, го одбележуваме Денот на универзалната здравствена заштита, прогласен од Обединетите нации. 

Во оваа пригода, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), и во координација со Министерство за здравство, организира состанок со претставниците од различни сектори кои се дел од оговорот на здравствениот одговор во кризи, на кој ќе се разгледаат клучни теми за услугите во областа на сексуалното и репродуктивното здравје, во кризни состојби.

Универзална здравствена заштита за секој човек

Универзалната здравствена заштита е основно право на секој човек и клучен принцип за одржлив развој на општеството. Оваа тема денес е особено актуелна, бидејќи многу земји се соочуваат со предизвици во обезбедувањето на достапни и квалитетни здравствени услуги, особено во состојби кога од разни причини е нарушено нормалното функционирање на здравствениот систем. Посебен осврт е даден на:

  • Значајноста на инклузивноста на здравствените услуги, особено за маргинализираните и ранливите групи.
  • Потребата од политички иницијативи и реформи кои ќе го олеснат пристапот до здравствени услуги без финансиски бариери.
  • Унапредување на квалитетот на здравствените услуги, со цел да се задоволат потребите на сите.

Оваа тема е многу важна при воведување на промени и иновации во здравствените системи, особено во контекст на сексуалното и репродуктивното здравје.

МИСП – Минимални иницијални услуги за сексуално и репродуктивно здравје во услови на криза

Денешниот состанок  ќе ги опфати аспектите на координирано обезбедување на минималните иницијални услуги за сексуално и репродуктивно здравје (МИСП), кои се од витално значење во ситуации на криза. Важноста на обезбедувањето на следниве услуги е критична за заштита на здравјето и благосостојбата на жените и девојките:

  • Планирање на семејството и контрацепција.
  • Безбедно породување и постпородилна нега.
  • Превенција и третман на сексуално преносливи инфекции, вклучувајќи ХИВ.
  • Поддршка за жртви на родово базирано насилство.

Дискусијата ќе се фокусира на стратегии и примери на успешни иницијативи кои можат да помогнат во подобрувањето на достапноста и квалитетот на овие услуги во услови на криза. Со овој настан ќе се иницира процесот на ажурирање на политиките кои се однесуваат на вклучување на услугите поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје во кризни состојби, со цел унапредување на одговорот и координацијата на сите релевантни фактори, како и подобрување на квалитетот на здравствените услуги од доменот на сексуалното и репродуктивното здравје во состојби на криза. Веруваме дека овој настан ќе поттикне нови идеи и практики кои ќе придонесат за унапредување на здравствените услуги во Македонија и пошироко.