„Патот до родителството е различен – но никој не треба да биде сам.“
- Што е инфертилитет?
Инфертилитет е неможност да се постигне бременост по 12 месеци редовни, незаштитени сексуални односи.
Чест е – погодува околу 1 од 6 парови.
Причината може да е кај жената, кај мажот или кај двајцата партнери.
- Кога да се побара медицинска помош?
Побарајте совет од Вашиот матичен лекар/матичен гинеколог ако:
- се обидувате повеќе од 12 месеци (или, повеќе од 6 месеци доколку жената е над 35години);
- менструалните циклусите се нередовни или изостануваат;
- постои медицинска историја за:
- ендометриоза;
- миоми;
- воспаленија или инфекции.
- постои познат проблем со спермограмот на мажот.
Раната проценка = поголеми шанси за успех.
- Кои се најчести причини за инфертилитет?
| Кај жените: | Кај мажите: |
| Хормонални нарушувања (полицистичен оваријален синдром) | Хормонални нарушувања |
| Проблеми со овулацијата | Намален број или слаб квалитет на сперматозоидите |
| Непроодни или оштетени туби | Варикоцела |
| Возраст – над 35 години (опаѓа резервата на јајни клетки) | Инфекции или воспаленија |
| Ендометриоза |
- Kои се можни знаци кои не треба да се игнорираат?
- нередовни или болни менструални циклуси;
- силни менструални болки или болка при сексуален однос;
- чести или долготрајни воспаленија;
- еректилни или ејакулаторни проблеми кај мажите.
Инфертилитетот често нема јасни симптоми, затоа превентивните и навремени прегледи се клучни.
- Што можеш да направиш?
- Процена кај матичен гинеколог/уролог:
- гинеколошки преглед и ултразвук;
- хормонски статус;
- спермограм.
- Животен стил
- намалување и одржување на здрава телесна тежина;
- редовна физичка активност;
- престанок на пушење;
- ограничување/престанок на внес на алкохол;
- намалување на стресот.
- Кои се достапни методи на третман?
Во зависност од причината, возраста и индивидуалната состојба, постојат различни опции:
- медикаментозна оваријална стимулација
- интраутерина инсеминација
- ин витро фертилизација (IVF)
- индивидуален метод на третман на машкиот фактор
Современите методи овозможуваат високи стапки на успех, зависно од причината и возраста.
Митови и вистини
❌ „Инфертилитетот е проблем само кај жената.“
✔️ Во околу 40% од случаите, причината е кај мажот.
❌ „Подобро е да се почека – ќе се случи само од себе.“
✔️ Возраста игра важна улога, особено по 35 години.
❌ „Ин витро фертилизација е последна надеж.“
✔️ IVF е докажана, безбедна и често успешна метода, не секогаш последна опција.
Емоционална поддршка – исто толку важна
Инфертилитетот може да биде емоционално исцрпувачки.
- дозволете си да зборувате за чувствата
- побарајте поддршка од партнерот
- размислете за психолошко советување или групи за поддршка
Не сте сами. Поддршката е дел од третманот.
Инфертилитетот е чест, решлив, и не треба да биде табу.
Со рана проценка, точни информации и соодветна поддршка, шансите за успех значително се зголемуваат.
Грижете се за себе. Информирајте се. Побарајте помош навреме.
Оваа кампања е дел од проектот „Сексуално и репродуктивно здравје“ во реализација на МАГО а со поддршка на Фондот за население на Обединети Нации (УНФПА)
